top of page

Моралното совршенство на човекот

Честа има цена и претставува чест само кога ќе почне да му се протиставува на злото околу човекот, на духовната и на материјалната сиромаштија, на гладта, на бесчесноста, на насилниците, на примамливоста на титулите, на искушенијата на властољубието, на плиткоумноста на привлиегиите и на брзоплетоста на суетата. 


ree

Како констатација се наметнува размислата дека секој треба да одговара за направеното, но на секој треба да му се даде шанса да го подобри своето поведение, да се искупи за создаденото и да тргне кон практикувањето на духовното и позитивното. Всушност, само така може да се изгради патот на човечноста, без чие присуство, илузорно е да се очекува прогрес и хармнонија во светот, во општествената заедница и во животот на човекот.


Според Миљанов, тој што прави мали добрини, и големи прави, кога ќе може, бидејќи доброчинството е наш платен учител, кој во секој миг ни помага и нè повикува на добродетелно дејствување. Оваа размисла на Миљанов во преден план ја става моралната одговорност и определбата на човекот независно и разумно да ја следи вредноста на доброто и духовното, начела кои ги потенцирал Аристотел кога велел дека луѓето се зачетници на своите дела кои не се дадени од природата, туку воспоставени од личните дејствувања, навики и влијанија врз другите лица.


Богатството, имотот, власта па дури ни разумот не биле пресуден фактор за угледот на поединецот. Единствен критериум според кој се определувала животната мисија и вредноста на починатата личност, била неговата етичка ангажираност, јунаштвото, жртвувањето за доброто на заедницата и дистанцираноста од пороците, страстите и материјалните искушенија.


Секој зависно што правел, оставил своја трага по себе; ни малите маани не се заборавени. Затоа се смета дека без оглед на општествениот ранг или имотот, секој ја има можноста да стане човечен и со морално однесување да ја осмисли и хармонизира својата егзистенција. Свеста на еднаквите човекови права стекнала целосна примена во народното уверување бидејќи сите луѓе ја имаат можноста за морално воздигнување и за афирмирање на сопствената личност.


Човечноста и извршувањето на должноста барале потполно ангажирање на силите за поставување највисок степен на моралност и за аскетски откажувања кои Сократ најсуштински ги има прикажано со своето резонирање и дејствување: човекот треба да се подреди и на неправилните закони, ако тие се израз на одреден етос. Од генерација до генерација, со усмена традиција се пренесувани примерите на човековото однесување. Истакнувани се маните и доблестите на поединците, што придонело правичноста, храброста и великодушноста да се прифатат како доминантни црти на позитивниот карактер.


Личностите од примери на човечност и јунаштво во својата свест го имаат формирано чувството дека доколку прават зло или добро тоа не им припаѓа само ним како единки, туку останува во наследство на потомците и станува сопственост на колективното битие. Често се толкувало дека одмаздата е знак на садистичка одмазда каде доаѓаат до израз ниските духовни страсти, омразата, одмаздољубивоста.


Крвната одмазда или залагањето на блискиот роднина, убиецот лично да се казни, во постоечките општествено – правни околности претставувала одредена форма која овозможувала задоволување на правдата. Со личната и непосредна одмазда се спречувало ширењето на насилството и криминалот. Потенцијалните убијци чувствувале страв од одмазда и поради тој страв, сосема ретко се одлучувале на злосторство.  Од друга страна, иако крвната одмазда не е сметана за чин недостоен за човечноста, Црногорците сметале дека воздржувањето од одмазда претставувало победа на благородноста над оправданиот гнев кон виновниците на злото.

Воздржувањето е сметано за одреден вид на храброст, затоа што за овој акт требало да се стекне сила и да му се прости вината на починителот на тоа нечесно дело. Ова претставувало посебна морална победа над самиот себе чија цена е повеќекратно поголема, отколку кога станува збор за дело кое е подгреано со страста и темпераментот на воинот.

Миљанов сметал дека е неопходно луѓето да се подучуваат на народната мудрост и во свеста да им се всадат етичките и духовни вредности кои тој ги експонираше како најсилно орудие против злото и дегрдирачките искушенија на животот, препорачувајќи:  

“Совладај го јазикот, не дозволувај потоа да се каеш“, не вели: “Подобар сум јас, туку пушти вистината да зборува, ако има што, тоа ќе има кој да го набројува!“.

Според Марко Миљанов добродетелата е должност со која секој човек му помага на другиот човек кога е во неволја не очекувајќи за тоа награда. Свеста за должноста налага да му притрчаме на помош на секој човек, дури и на тие за кои сметаме дека се наши непријатели.

Пред заедничката неволја личните причини и меѓусебните непријателства мораат да му отстапат место на принципот на херојската солидарност и “дадениот збор да не се погазува, бидејќи честа своја би се згазила!“.

Заклучокот е дека целосното морално совршенство на човекот се состои во неговата определба да ја извршува должноста и следејќи го внатрешниот глас на совеста, да го има во вид златното етичко правило. Не му го прави на другиот тоа, што не сакаш тој да ти го прави тебе!


ree

Споделете


Книга: Етичка мудрост - Зоран Крстевски

Comments


© 2024 |  Vedrana Gaia @vedranagaia

bottom of page