top of page

Мудри црногорски народни поговорки за човечноста

Духовните поуки кои се содржани во црногорските народни поговорки се базираат на сознанието дека за народот е основно да не го прифаќа животот поради животот, туку само животот во кој поединецот најсуштински  ќе може да ги воспостави и следи моралните вредности. Тоа укажува дека етичноста, хуманиот ангажман и добродетелта се многу позначајни од материјалните продобивки, бидејќи предметните богатства имаат минорна важност за човекот, кој се опива од изворот на врвните духовни задоволства и цели на животот.


ree

Впрочем, вредноста на црногорските умотворби и поговорки се состои во истакнувањето на разликата помеѓу доброто и злото и во давањето јасна слика за придобивките кои произлегуваат од негувањето на човечноста, етичноста и хуманоста.

“Подобро е чесно да се умре, отколку срамно да се живее.“
“Повеќе вреди еден ден на човечно живеење, отколку нечовечни 100 години.“
“Покажи човечност во контактите со другите, храброст во одбрана на татковината и духовна отвореност кон Бога и животот.“
“За човекот најважни се чистиот образ, достоинството и  подготвеноста да му служи на општото добро.“

Црногорските народни умотворби потенцираат дека моралната ангажираност на човекот произлегува од маката, неволјата, несреќата, искушенијата и тешкотиите. Тоа ќе го потврдиме со поговорките:

“Кога ќе настапи маката ќе се види и бруката.“
“Да нема тешкотии не би се знаело кој е човек.“
“Златото во оганот се испитува,  човекот во несреќа.“
“Злото го создаваат злите луѓе, а не Бог.“

Овие етички поуки укажуваат дека присуството на проблемите и страдањата овозможуваат да согледаме која личност како вистински пријател ќе биде подготвена да ни помогне во борбата со кризата и ограничувањата. Поговорките асоцираат и оти поединецот ќе мора да биде силен и енергичен кога ќе го задеси несреќата, односно дека лично е виновен за создаденото зло, поради што е илузорно да бара оправдување во лошата судбина или во божјата промисла.


Заклучокот е дека човекот е самиот одговорен за губењето на својот морален идентитет и за предавањето на негативната енергија. Излезот од духовната беда ќе го пронајде во будењето на етичката свест, во прифаќањето на одговорноста за направеното и во развивањето на начелата на доброто и хуманото.


Извадок од книгата Етичка мудрост - Зоран Крстевски

Comments


© 2024 |  Vedrana Gaia @vedranagaia

bottom of page