Надминување на животните искушенија
- Vedrana Gaia
- Jan 17, 2024
- 3 min read
На Запад постои страв од губење на егото или на личноста. Со медитацијата откриваме дека можеме да го прошириме егото, а не да го изгубиме. Мораме да станеме великодушни. Треба да ги вклучиме и да ги опфатиме своите блиски и остатокот од светот наместо да се споредуваме со индивидуалното, изолирано постоење. Треба да се набљудуваме себеси како патници кои минуваат низ животот на овој свет, да сфатиме дека ова тело, искуствата и материјалните работи ги користиме привремено. Тие не се наши. Ги позајмуваме. Порано или подоцна ќе ги оставиме зад себе.

За да се ослободиме од плодовите на сопствените активности, од најголема важност е да го сфатиме принципот на неповрзаност.
Неповрзаноста или неприцврстеноста за нешто не значи и незадоволство.
Кога нормално изведуваме некоја активност, не сме слободни од резултатот или од плодовите кои таа ги носи. Обично сме робови на своите должности. Стануваме врзани за своите активности и за нивните последици и затоа нуркаме подлабоко во врзаноста. Ако направите нешто само поради тоа што чувствувате должност нема ништо да сфатите и нема да напредувате. Ако должностите или активностите не ви се „подмачкани“ со љубов си создавате уште повеќе препреки. Доколку своите должности ги извршувате од љубов, тогаш ги извршувате несебично. Тоа е лесно да се сфати, бидејќи ако направам нешто несебично за вас, тогаш вие, а не јас, ќе ги примите плодовите од моето дејствување. Научете да ги спроведувате своите активности за човечкиот род, тој нека ги собира плодовите. Ова е начинот на ослободување преку неповрзаност.
Тјаги (tyagi) е санскритски израз за оној кој се одрекува од плодовите на своето дејствување. Можете да дејствувате во овој свет, но морате тоа да го правите несебично и вешто. Неповрзаноста не значи да не се сака, но исто така не значи ниту индиферентност или резервираност.
Неповрзаноста значи извршување на нашите активности урамнотежено и спокојно, особено тогаш кога ги предаваме плодовите од тие активности. Преку неповрзаноста учиме дека вистинското задоволство од плодовите на нашите активности доаѓа само тогаш кога нив ги нудиме на Бог или Човештвото.
Обидете се да ја разберете смислата на животот. Јадењето, спиењето и другите природни функции, без сфаќање на смислата на животот од човекот прават животно. За да се стане човечко суштество, потребно е да се знае целта на животот. Таа цел е ослободувањето, а тоа може да се постигне само преку неповрзаност со дејствувањето. Секоја животна препрека може да стане средство за ослободување. Сѐ што ви задава болка, исто така ви дава и ослободувачко знаење. Задоволството и болката нема да ни дадат световни работи, туку нашиот став кон нив.
Санскритскиот збор двандве (dvandve) може да се преведе како „парови на неразделни спротивности“. Тоа значи дека од искуството извлекуваме задоволство или болка со многу мала важност. Двете врзуваат подеднакво и двете се присутни во различни количини во сите наши искуства. Во животот мораме да научиме да ги трансформираме сите работи кои ни предизикуваат задоволство и болка. Мораме да научиме да ги користиме како помошно средство во духовниот напредок. Не смеат да станат предмет на вознемиреност.
За да ги трансформираме овие пореметувања потребно ни е трпение. За жал, денеска го нема доволно. Трпеливоста може да ја трансформира која било препрека во средство. Истото ветре кое го гаси малиот пламен, може тој мал пламен да го разгори во голем шумски пожар.
Што е навистина потребно за надминување на животните искушенија и за постигнување слобода? Тулсидада, мудрец од шеснаесеттиот век, наведува четири работи кои треба да ги повикате на помош кога ќе дојдат тешки времиња. Тоа се:
вера
пријателство
трпение
храброст
Кога ви се чини дека препреката е преголема, а ситуацијата ве надвладеала, погледнете што од наведеното ќе ви дојде на помош. Религијата може да ве напушти, пријателите можеби нема да ви бидат при рака, но трпението и храброста можат да ви помогнат. Тие се вашите најдобри пријатели.
Ако желбите не ви се остварени, сметајте дека постои добра причина за тоа. Бидете трпеливи. Имајте храброст да верувате во себе и да ја практикувате неповрзаноста. Имајте храброст да се посомневате во сомнежите на другите. Препознајте ги тие сомнежи како негативни делови на својот ум. Дејствувајте вешто и со љубов, трпеливо и храбро и потсетете се дека љубовта не очекува ништо од другите. Несебичната работа за другите е вистинската љубов. Извршувањето на должностите со љубов е како лотос кој не е извалкан со тињата од која никнал.
Научете да живеете во овој свет, а да бидете над него. Научете дека сѐ на овој свет е наменето за ваша корист, но не и во ваша сопственост.
Споделете
Извадок од книга: Ослободување од кармичките окови - Свами Рама

Comments